– Ние не сме Италијанци! Време е Рим и Европската Унија да ја разберат нашата потреба за самоопределба, вели во интервју за „Дневник“ членката на Движењето за независност на Јужен Тирол, шеесет и тригодишната историчарка Ева Kлоц. Таа е одговорна за разгранокот на движењето во главниот град од регионот, Бозен (на италијански Болзано). Според неа, целта е с` уште далеку, но шансите се многу големи.
Неодамна некои западни медиуми ја коментираа Вашата изјава „Ние не сме Италијанци!“. Се борите за независна држава Јужен Тирол или за присоединување кон Австрија?
– Точно е – ние не сме Италијанци! Поголемиот дел од населението на Јужен Тирол, речиси 70 отсто, зборува германски јазик. Само една четвртина од населението зборува италијански. Пред територијата на Јужен Тирол да биде анектирана кон Италија во 1919 година, овде живееја само околу три проценти Италијанци. Затоа, тоа за што сега се бориме е иднината на нашата територија – без Италија. Тоа можеме да го постигнеме повикувајќи се на правото на самоопределување на народите. Во еден демократски референдум населението на Јужен Тирол треба да се праша дали сака да се обедини со Австрија или сака независна држава. Принципот е да одлучат гласачите, а не некоја политичка партија или движење. Јас, лично, би гласала за присоединување на Тирол во границите на Австрија, оти официјална Европа с` уште не е подготвена, во прилог на националните држави, да прифати еднакви региони. Мојата најголема желба е: европски регион Тирол.
Зошто го кревате гласот токму сега? Порано немавте услови или се плашевте од италијанските власти?
– Зборувавме на глас и во минатото. Во 1977 година Италија ги ратификува и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Член 1 од двата документа вели: „Сите народи имаат право на самоопределување. Врз основа на тоа право, тие слободно го одредуваат својот политички статус и слободно го реализираат својот економски, социјален и културен развој“. Врз основа на ова човеково право, конкретно јас се борам од 1977 година, со моите пријатели од патриотските партии, со сите можни правни и демократски средства за остварување на правото на самоопределување во Јужен Тирол. Благодарение на нашата континуирана заложба, пламенот никогаш не е изгаснат. С` повеќе се разгорува последниве години оти луѓето веќе разбираат дека немаат иднина со Италија. И тие што дозволуваат да бидат заплашувани од италијанските власти се с` помалку.
Причините за сепарација од Италија се исклучиво историски или и економската криза одигра значајна улога?
– Причините се историски, културни и етнички. Но, пред с`, е правдата. Тирол беше поделена со сила и доделена на Италија против волјата на нејзиното население. Само делови од населението на италијанската Тирол, околу денешната провинција Трент, сакаа да бидат унифицирани со Италија. Остатокот никогаш не биле Италија. Сепак, до денешен ден Италија се обидува да ги асимилира луѓето. За жал, дел од нив навистина се чувствуваат повеќе Италијанци отколку Тиролци. Но последниве години и не е толку „шик“ да си Италијанец, со оглед на мизеријата што царува на економски и на политички план.
Што велат анкетите, какво е расположението кај луѓето?
– Според анкета организирана и спроведена од партијата Европска слободна алијанса (ЕФА), чија членка сме, 92,17 проценти од гласачите би гласале за самоопределување. Според една друга анкета, спроведена меѓу тие што потекнуваат од Јужен Тирол, но живеат во други земји, повеќе од 70 отсто би гласале дека сакаат самоопределување.
Според искусни дипломати, Вашата цел е нереална, особено кога е во прашање Италија, обединета држава со долга традиција уште од 19 век, која успева да излезе на крај и со други движења за отцепување како регионот Венето или Ломбардија? Верувате ли дека Рим ќе си дозволи да го изгуби Јужен Тирол?
– Има и аналитичари што го потврдуваат спротивното. Една поговорка вели дека „утопиите од денешницата се реалност на иднината“. Kога ќе дојде време нечија идеја да се изрази, никој не може да ја сопре. Империјализмот и колонијализмот се идеологии од минатото, застарени, дури и ако ЕУ не сака да го признае новото политичко разбирање. Начинот на кој општеството размислува е променето последниве неколку години. Се покажа дека европскиот идентитет е премногу општ, дури безбоен. Идејата на националните држави ги казнува и дискриминира етничките малцинства што живеат во нив. Но ниту ЕУ ниту тие нема да погрешат ако ги поддржат ваквите идеи. А сите народи што не можат да се идентификуваат со државата во која живеат треба да се здружат и изборат за доброволните избори. Ниту Италија нема да го даде Јужен Тирол доброволно. С` е во наши раце, ако ние сме доволно силни и решени да ~ кажеме „аддио“ на Италија.
РИМ ПОСТОЈАНO ЈА НАМАЛУВА НАШАТА АВТОНОМИЈА
Kаков е ставот на австриските власти? Дали тие би прифатиле присоединување?
– Од 1977 година одржуваме контакти со претставниците на политичките партии во Австрија. Нејзината официјална политика е да ги поддржува сите одлуки што во Јужен Тирол се донесени од мнозинството. Проблемот е во тоа што Јужнотиролската народна партија, која го претставува мнозинство, одлучи да ја напушти целта за самоопределување и се доближи до Рим. Но последниве години Рим константно сече с` повеќе од нашата автономија, па сега партијата с` позасилено крои планови за враќање кон самоопределувањето. Затоа, работата на нашето движење, меѓу другото, се состои од тоа да ги подготвиме австриските политичари за оваа веројатна промена на мислењето на мнозинството во Јужен Тирол. Само тогаш Австрија ќе поддржи самоопределување.
Искра Kоровешовска
Beim obigen Beitrag handelt es sich um ein Interview, das die mazedonische Tageszeitung „Dnevnik“ unlängst mit L.-Abg. Dr. Eva Klotz führte. Demnächst wird das Interview auch in der Originalsprache Englisch hier bereitgestellt werden.